Претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, го обвини собранискиот спикер Африм Гаши дека ја саботирал седницата за опозициски пратенички прашања, со тоа што паузата ја пресметал во двочасовното време предвидено за поставување прашања до Владата.
Во статус на Фејсбук, Апасиев тврди дека со ваквото толкување на Деловникот се отвора можност владејачкото мнозинство да го искористи времето за паузи, наместо за одговарање на прашањата од опозицијата.
Според Апасиев, проблемот е во тоа што владината коалиција ја сочинуваат три политички субјекти – ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, кои би можеле да побараат пауза и на тој начин да го потрошат целото време предвидено за седницата.
„Тоа што, во власта има три субјекти и секоја седница за опозициски пратенички прашања – која трае два часа – може буквално да биде оневозможена преку земање по еден час пауза од страна на: ДПМНЕ + ЗНАМ или ВРЕДИ“, пишува Апасиев.
Тој го обвини Гаши дека со, како што наведува, „креативно толкување“ на Деловникот го пресметал времето на паузата како дел од ефективните два часа предвидени за одговарање на опозициските пратенички прашања.









