Арон Орбан, помладиот брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, доби едномесечен притвор под сомнение за вмешаност во организирана трговија со луѓе. Одлуката ја донел истражен судија на Централниот окружен суд во Будимпешта.
Арон Орбан и тројца негови соработници беа приведени во понеделникот во рамки на истрага за наводна шема со издавање визи на виетнамски државјани. Според истрагата, осомничените во 2024 година им помогнале на повеќе од 100 лица да добијат визи, за што наплаќале надомест. Обвинителството се сомнева дека дејствувале како дел од организирана криминална група.
Покрај Арон Орбан, притвор му е одреден и на неговиот партнер. Еден од осомничените е ставен под кривичен надзор и не смее да ја напушти земјата, додека четвртиот ќе се брани од слобода. Судот проценил дека кај дел од осомничените постои ризик од бегство, криење или влијание врз истрагата.
Одбраната на Арон Орбан ги оспорува причините за притворот. Неговата адвокатка тврди дека не постои основано сомнение за кривично дело и дека нејзиниот клиент уште пред апсењето контактирал со надлежната институција, ги доставил своите податоци и се согласил да се појави на повик. Таа поднела жалба на одлуката, оценувајќи дека преземените мерки се неосновани.
Виктор Орбан претходно го оцени приведувањето на брат му како политички прогон, тврдејќи дека вистинската цел на власта е тој самиот. Истрагата се води во рамки на антикорупциските активности на новата унгарска влада, предводена од Петер Маѓар.









