Премиерот Христијан Мицкоски најави промена на начинот на функционирање на државната енергетска компанија ЕСМ, со која треба да се зголеми домашното производство на електрична енергија во услови на растечки цени и неизвесност на енергетските пазари.
На брифинг со новинарите тој соопшти дека Владата работи на модел што предвидува обезбедување јаглен од Косово за потребите на РЕК „Битола“, со цел да бидат активни сите три производствени блока. Паралелно, се планира и повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, за која се предвидува снабдување со мазут од Солун.
Мицкоски оцени дека енергетските состојби во Европа стануваат сè понеповолни, посочувајќи дека пополнетоста на складиштата за гас е под 50 проценти, додека цените на гасот и струјата бележат раст. Како дополнителен фактор што ја зголемува потрошувачката ја посочи изградбата на големи центри за податоци, кои бараат значителни количества електрична енергија.
За обезбедување јаглен за РЕК „Битола“, Владата планира да воспостави посебен граничен премин преку кој ќе се организира транспортот од Косово. Во процесот, според најавата на премиерот, би биле вклучени Армијата и Царината. Предвидено е дневно да транзитираат околу 200 камиони, кои би носеле вкупно над 6.000 тони јаглен.
Целта на оваа операција е обезбедување доволно суровина за непречена работа на трите блока на битолската термоелектрана. Во плановите за производство на ЕСМ е вклучен и РЕК „Осломеј“. Постапката за избор на компанија што ќе ги врши ископот и транспортот на јагленот, како што најави Мицкоски, треба да биде завршена до крајот на ноември.
Дополнителен капацитет за производство на електрична енергија треба да обезбеди ТЕЦ „Неготино“. За повторно ставање во функција на централата, според најавите, ќе се транспортира мазут од Солун.
Премиерот очекува со рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“ да се постигне значително пониска производствена цена на електричната енергија во однос на берзанската. Според неговите пресметки, производството би чинело помалку од 200 евра за мегават-час, додека актуелните берзански цени се движат меѓу 350 и 400 евра за мегават-час.









