Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, како дел од процесот на реформа на казненото законодавство и усогласување со европските стандарди.
Од Министерството посочуваат дека новиот Кривичен законик се подготвува по речиси три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобра заштита на жртвите и поправични судски постапки.
Подготовката на новиот Кривичен законик започнала во 2019 година, а работната група предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година спровела консултации со претставници на правосудството, академската заедница, институциите и граѓанските организации.
Во текстот се вградени 33 директиви на Европската Унија, а во текот на подготовката биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.
Паралелно се подготвувал и новиот Закон за кривичната постапка. Работната група предводена од професорката Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, го завршила текстот во октомври годинава. Предлогот опфаќа усогласување со 25 европски директиви и стандарди.
Меѓу предвидените новини се унапредување на конфискацијата на имот, финансиските истраги, користењето електронски докази и посебните истражни мерки. Предвидени се и решенија за подобра заштита на жртвите, како и можност за одржување судски рочишта и изведување докази на далечина.
Од Министерството за правда наведуваат дека реформата треба да овозможи поефикасни истраги, правични судски постапки и еднаква примена на законите, но нагласуваат дека нејзиниот вистински ефект ќе зависи од спроведувањето во пракса.
Подготовката на законските текстови била поддржана и од меѓународните партнери, особено од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.









