Братот на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Арон Орбан, се најде во центарот на полициска истрага поврзана со сомневања за трговија со луѓе и злоупотреби при посредување за добивање работни и престојни дозволи за странски државјани. Информацијата за неговото наводно приведување ја објави актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар.
Според Маѓар, Арон Орбан бил приведен под сомнение за вмешаност во трговија со луѓе. Тој на социјалните мрежи објави дека истрагата ја водат Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот и Националното истражно биро.
Унгарската полиција соопшти дека во Будимпешта и во две населени места во областа Пешта биле приведени повеќе лица, а истовремено биле извршени претреси на неколку локации. Акцијата била спроведена во рамките на две одделни кривични истраги, а дополнителни информации за сомневањата и преземените мерки биле најавени за подоцна во текот на денот.
Информациите за наводната вмешаност на братот на Орбан се поврзуваат со претходна истрага за посредување при добивање унгарски визи и дозволи за престој на странски државјани. Според претходни медиумски откритија, компании поврзани со Арон Орбан наводно учествувале во организирање на постапки преку кои странски работници и други лица можеле полесно да добијат документи за престој и работа во Унгарија, а со тоа и пристап до шенгенскиот простор.
Во еден од случаите се споменуваат државјани на Виетнам, кои биле пријавувани на краток курс на Универзитетот во Печ, што наводно им служело како основа за полесно добивање визи. Во јавноста претходно се појавија и информации за комуникација меѓу Арон Орбан и лица од владините структури во врска со забрзување на визна постапка.
Случајот повторно го отвори и прашањето за деловните врски на семејството Орбан. Арон Орбан претходно беше споменуван во медиумски истражувања за неговите бизнис-интереси, вклучително и компанијата „Мулти Шут“, преку која наводно биле воспоставувани контакти со посредници за ангажирање странски работници.
Според претходните истражувања, посредници ветувале дека ќе обезбедат работни визи и вработување за странски државјани, повикувајќи се на контакти со влијателни политички претставници. Во април годинава беа приведени две лица во поврзан предмет за трговија со влијание и други кривични дела. Истрагата тогаш ја опфатила и деловната мрежа на братот на Орбан, но тој самиот не бил меѓу приведените осомничени.
По објавувањето на информациите за новата полициска акција се огласи и Виктор Орбан, кој ги отфрли обвинувањата дека станува збор за независна правосудна постапка. Тој оцени дека акцијата има политичка заднина и дека нејзината вистинска цел е самиот тој.
„Јас бев целта, мојот помал брат е само средство“, порача Орбан.
Тој ја обвини новата власт дека наместо вистинска одговорност спроведува политичка пресметка со своите противници. Во својата реакција посочи и дека Владата требало да одговара пред парламентарната Комисија за национална безбедност за други актуелни политички прашања.
Од друга страна, премиерот Петер Маѓар ја објави информацијата за наводното приведување на Арон Орбан во момент кога новата унгарска власт најавува испитување на сомнежите за корупција и злоупотреба на службената положба поврзани со претходното владеење.









