Министерот за здравство, Сашо Клековски најавува промени во повеќе сегменти од здравствениот систем – од проширување на терапиите достапни за пациентите и реконструкција на болничките одделенија, до нов модел на итна медицинска помош и дигитализација на услугите.
Како една од новините во пристапот до лекови, Клековски ја посочи новата есенцијална листа на која се наоѓаат 392 лека, од кои 193 се додадени за првпат. Напредок, според него, има и во лекувањето на пациентите со цистична фиброза. Моментално 126 лица примаат терапија со ЦФ-модулатори, додека во 2021 година таква терапија добивале само тројца пациенти.
Подготвени се и протоколи за дисперзирање на терапијата за лицата со мултиплекс склероза, со цел таа да биде подостапна и надвор од Скопје. Од вкупно 835 пациенти, 491 живеат во други градови. Министерот информираше и дека е деблокирана донацијата на фактор VIII, а за сезоната на грип се обезбедени 86.000 вакцини.
„Зад секоја бројка стои конкретна промена, односно повеќе пациенти со пристап до терапија и подобра достапност на здравствените услуги“, рече Клековски.
Во однос на болничките капацитети, тој вели дека досега се обновени одделенијата за трауматологија во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и за неврофизиологија во Универзитетската клиника за неврологија, како и „Машкиот оддел 2“ во психијатриската болница во Бардовци.
За Клиничката болница во Битола, според него, е предвидена медицинска опрема во вредност од над 30 милиони денари. Во тетовската Клиничка болница, пак, 109 лица кои претходно работеле со договори се вработени. Во Охрид продолжуваат активностите за изградба на ново крило со четири операциони сали во болницата „Св. Еразмо“, додека се работи и на реконструкција на психијатриските установи во Демир Хисар.
Еден од поголемите зафати што ги најави министерот е новата организација на итната медицинска помош. Предвидено е службата да се издвои од Здравствениот дом Скопје, да се воведе систем со парамедици и да се промени начинот на функционирање на Ургентниот центар во Клиничкиот центар.
Клековски посочи дека останува потребата од дополнителни интервенции во радиодијагностиката и онкологијата, како и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Во подготовка е и концепт за долгорочна нега.
Паралелно со овие активности, Министерството планира да ја спроведува Стратегијата за дигитално здравство до 2030 година, која треба да овозможи поширока примена на дигитални решенија во здравствените услуги.
Според Клековски, целта на планираните промени е здравствениот систем да биде подостапен за пациентите, со подобри услови за лекување и поефикасно организирани услуги.








