Советот на Централната банка на Црна Гора донесе одлука за одземање на одобрението за давање платежни услуги на платежната институција „Алта пеј груп“ од Подгорица, откако беше утврдено дека таа повеќе не ги исполнува законски пропишаните услови за вршење на оваа дејност.
Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена во согласност со црногорскиот Закон за платен промет, врз основа на сеопфатна процена на исполнетоста на регулаторните барања, вклучително и критериумите што се однесуваат на соодветноста на имателот на квалификувано учество и на обезбедувањето стабилно, сигурно и законито работење на платежната институција.
Алта банка од утре привремено ги затвора експозитурите за клиенти
Централната банка на Црна Гора истакна дека оваа одлука не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора, ниту влијае врз редовното функционирање на платниот систем. Како што е наведено, „Алта пеј груп“ не е банка, не прима депозити од граѓаните и стопанството и нема влијание врз стабилноста на финансискиот систем на Црна Гора.
Централната банка на Црна Гора, како што се истакнува, навремено ги презела сите активности од својата надлежност за, во контекст на актуелните настани, да се обезбеди уредно исполнување на обврските на оваа платежна институција и да се заштитат интересите на корисниците.
Народната банка на Северна Македонија воведе привремена управа во „Алта банка“ АД Битола и им го ограничи подигнувањето средства на клиентите на оваа банка на најмногу 10.000 денари, односно околу 160 евра неделно.
Народната банка на Србија на 30 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, а управувањето со неа ѝ го пренесе на Агенцијата за осигурување депозити.
„Алта банка“ во саботата соопшти дека, во согласност со важечките законски прописи и одлуките на надлежните регулаторни органи, над банката е поведена стечајна постапка.






