Европската комисија започна истрага против платформата за резервации на сместување „Букинг“ за да утврди дали ги штити доволно корисниците од измами, лажни огласи и злоупотреба на лични податоци. Истрагата треба да покаже дали платформата ги почитува обврските од Европскиот закон за дигитални услуги (DSA).
„Европејците треба да можат да ги резервираат своите одмори без страв од измама“, изјави Хена Виркунен, извршна потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, пренесува Индекс.хр.
Според Европската комисија, истрагата ќе се фокусира на три главни проблеми: лажни огласи за сместување, интернет измами преку кои се крадат лични податоци и недоволно јасно означување на платените реклами.
Еден од ризиците се огласите за сместувања што воопшто не постојат. Корисниците може да резервираат и да платат за хотел или апартман, а по пристигнувањето да откријат дека сместувањето не постои на наведената адреса.
Друг проблем е таканаречениот фишинг, при кој измамниците се претставуваат како доверливи компании или даватели на услуги за да ги наведат корисниците да откријат лозинки, податоци од платежни картички и други чувствителни информации.
Европската комисија изрази загриженост и за заштитата на личните податоци, како имиња, телефонски броеви и е-адреси, и на сопствениците на сместувања и на гостите.
Истрагата ќе провери и дали „Букинг“ јасно ги информира корисниците кога некое сместување се појавува меѓу првите резултати затоа што сопственикот платил за подобра позиција. Самото платено рангирање не е забрането, но платформата мора јасно да покаже дека станува збор за реклама, кој ја платил и зошто им се прикажува на корисниците.
Според податоците наведени од Европската комисија, 66 отсто од онлајн резервациите на хотели се реализираат преку „Букинг“. Комисијата наведува и дека измамите на платформата се зголемиле за 500 отсто меѓу 2022 и 2024 година, а вкупните загуби од измами во 2024 година достигнале 4,2 милијарди евра.








