Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, реагираше на новиот Кривичен законик, обвинувајќи ги големите политички партии дека со законските решенија им овозможуваат на функционерите да избегнат одговорност.
Зајкова прашува во чии интереси се носат измените и предупредува дека предметите против носители на јавни функции би можеле да застарат додека се чека европска оценка за законските решенија.
Таа потсетува дека ЛДП уште во јануари предложила враќање на построгите казни и продолжување на роковите за застарување, но амандманот бил одбиен во Собранието.
Според Зајкова, сега Владата најавува дека новите законски текстови ќе ги испрати на мислење до Европската комисија, наместо веднаш да ги објави и да овозможи јавна и стручна расправа за нивната содржина.
„Правдата што се одложува сè додека предметите не застарат значи неказнивост“, е пораката што ја упатува таа, барајќи од власта да го објави предлог-законот и да ги прифати барањата за построги санкции за корупција.
ЛДП бара зголемување на казните и подолги рокови за застарување за кривичните дела на избрани и именувани функционери. Зајкова прашува дали во новото законско решение навистина ќе се отстранат можностите за застарување на предметите за висока корупција или ќе останат правни празнини.
Нејзината реакција доаѓа по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека текстовите на новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка се завршени и до крајот на октомври ќе бидат испратени до Европската комисија на мислење.
Од ЛДП бараат реформата да не остане само на најави и меѓународни консултации, туку да донесе конкретни законски гаранции за ефикасно гонење на корупцијата и одговорност на функционерите.








