Собранието ја продолжи кризната состојба поради ризикот од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава за дополнителни шест месеци, односно до 20 април 2027 година.
Одлуката доаѓа во услови на неизвесност на меѓународните енергетски пазари и можни нарушувања во снабдувањето со горива, кои можат да влијаат врз цените и врз домашната економија.
Предлогот за продолжување претходно беше разгледан од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, каде што беше образложен од министерот за одбрана Владо Мисајловски. Со измените, рокот на кризната состојба, кој истекуваше на 20 октомври 2026 година, се поместува за уште шест месеци.
Кризната состојба првпат беше воведена во април годинава, а потоа беше продолжена во два наврати по три месеци. Со најновата одлука, институциите ќе можат да продолжат со координираното управување со состојбите и со преземањето мерки за обезбедување непречено снабдување со нафтени деривати.
Во рамките на мерките за ублажување на последиците од енергетската криза, Владата претходно го намали ДДВ-то за дизел-горивото од 18 на 10 проценти, а беа преземени и мерки за намалување на акцизите за горивата.
Продолжувањето на кризната состојба има за цел да им овозможи на надлежните институции навремено да реагираат доколку дојде до нови нарушувања на пазарот и да го намалат влијанието на надворешните фактори врз снабдувањето со енергенси во земјава.







