Андреј Жерновски објави порака со директна закана по неговиот живот и побара од надлежните институции да реагираат. Тој на социјалните мрежи ја објави пораката „Нема ли некој да го убие Жерновски и тоа пред фамилијата“, оценувајќи дека станува збор за повик на насилство, а не за политичка критика.
Жерновски реагира откако вчера во јавноста беше отворена тема за заканите со насилство кон политичари. Тој праша каде биле институциите во периодите кога, како што тврди, тој и неговите сопартијци со години биле изложени на навреди, закани и повици за насилство.
Закани кон Мицкоски преку социјални мрежи: Обвинителството бара притвор за 39-годишник од Черкези
„Секоја закана со насилство е сериозна работа. Кој и да ја упати, мора да одговара, напиша Жерновски меѓу другото.
Тој вели дека кон претседателот на СДСМ, кон него и кон нивни колеги биле упатувани илјадници коментари со пцости, навреди, закани и повици за насилство.
Како конкретен пример ја посочува токму пораката со повик за негово убиство пред семејството. Според него, таквата порака не може да се оправда како различно политичко мислење или како дел од политичка дебата.
Жерновски ги повика институциите да постапуваат без оглед на тоа кој е жртвата на заканата. Тој дополнително побара да биде отворена постапка и за неговиот случај, како и за други слични случаи на закани кон политичари.
„Или институциите важат за сите, или не се институции, туку алатка на власта“, наведува Жерновски во реакцијата, притоа барајќи еднаков институционален третман за сите случаи.










