Се подготвуваат нови правила за лобирањето во земјава со кои треба да се зајакнат транспарентноста, контролата и спречувањето на судирот на интереси. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лобирањето е објавен на ЕНЕР, а меѓу предложените решенија се и ограничувања за примање подароци од страна на лицата кај кои се врши лобирање.
Според предложените измени, лицето кај кое се лобира нема да смее да прима подароци, услуги или други погодности поврзани со лобирањето. Ограничувањата нема да важат само додека лицето ја извршува функцијата, туку се предвидува да продолжат и определен период по нејзиниот престанок.
Целта е да се спречи ситуација во која одредено лице, додека е на јавна функција, може да донесе одлука или да влијае врз креирањето политика во интерес на одреден субјект, а потоа да добие корист од истиот субјект откако ќе ја напушти функцијата.
Со новите решенија се проширува и опфатот на лобирањето. Правилата треба да се однесуваат на активности поврзани со донесување, изменување, спроведување и оценување на јавни политики, а поголемо внимание се посветува и на контактите и комуникацијата преку дигитални канали.
Предвидено е да има поголема транспарентност за тоа кој лобира, во чие име се лобира и за која конкретна политика, одлука или пропис се врши влијание. Институциите и лицата опфатени со законот ќе имаат дополнителни обврски за евидентирање и објавување информации поврзани со лобистичките активности.
Се зајакнува и надзорната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таа треба да има појасни механизми за следење на почитувањето на правилата, додека за прекршувањата се предвидуваат санкции.
Од Министерството за правда очекуваат со новата регулатива лобирањето да биде појасно дефинирано како легитимен начин на застапување на интереси во процесот на креирање јавни политики, но истовремено да се намали просторот за прикриено влијание, коруптивни практики и злоупотреба на јавната функција.
Предлог-законот засега е во фаза на јавна консултација преку ЕНЕР, што остава простор институциите, стручната јавност и заинтересираните страни да дадат забелешки пред законските измени да продолжат во собраниската процедура.










