Државниот завод за ревизија утврдил сериозни пропусти во евиденцијата на државниот имот, јавните набавки и кадровската пополнетост во Министерството за дигитална трансформација. Ревизорите не можеле да ја потврдат реалната состојба на дел од средствата, а во шест одделенија немало ниту еден вработен.
Дел од недвижниот имот на Министерството за дигитална трансформација не бил соодветно попишан и евидентиран, а за значителен дел од градежните објекти недостигала документација. Ова се дел од наодите во ревизорскиот извештај за финансиското работење во 2024 година.
Во евиденцијата биле наведени 19 градежни објекти, од кои шест имале проценета вредност, додека 13 биле заведени со вредност од само еден денар по објект. Дополнително, за ставка во вредност од 140,05 милиони денари не била доставена документација со која би се утврдило на кои конкретни објекти се однесува.
Ревизорите утврдиле дека не бил извршен целосен попис на недвижностите, возилата и нематеријалните средства, ниту било усогласено сметководството со фактичката состојба. По поделбата на поранешното Министерство за информатичко општество и администрација, не бил спроведен ниту делбен биланс за распределба на имотот меѓу новоформираните министерства.
Забелешки има и во јавните набавки. Во текот на 2024 година биле исплатени 2,73 милиони денари за стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка. Недостигале и документи за гаранции во дел од контролираните постапки.
Кадровската состојба е дополнителен проблем. Според извештајот, 43 проценти од систематизираните работни места биле непополнети, четири од десет сектори немале пополнети раководни позиции, а во шест одделенија немало вработени. Во 2024 година не биле спроведени ниту внатрешни ревизии, бидејќи надлежното одделение немало соодветен кадар.
Државниот завод за ревизија препорачува целосен попис и правилно евидентирање на имотот, усогласување на финансиската документација, зајакнување на внатрешната ревизија и доследно почитување на законските правила за јавни набавки.
Ревизорите се воздржале од изразување мислење за финансиските извештаи на основниот буџет поради недостиг од доволно и соодветни докази. Ова не значи автоматски дека е утврдена злоупотреба на средствата, туку дека не можеле да ја потврдат точноста на прикажаната финансиска состојба.







