Јапонската метеоролошка агенција (JMA) денеска по грешка издала предупредување за исклучително силен земјотрес со магнитуда од 9,9 степени, но го повлекла по само неколку минути, откако било утврдено дека системот за рано предупредување генерирал лажна тревога.
Според „Џапан тајмс“, предупредувањето се однесувало на широк регион од Хокаидо до Токаи.
Агенцијата ја истражува причината за грешката. Ајатака Ебита, раководител на одделот за следење земјотреси и цунами во JMA, на прес-конференција објаснил дека системот погрешно го лоцирал епицентарот на потресот во близина на Курилските Острови и значително ја преценил неговата магнитуда, поради што било активирано предупредувањето.
Според медиумските извештаи, ова е првпат во Јапонија да биде повлечено предупредување за вонреден земјотрес. Иако системот и претходно генерирал лажни тревоги, овој случај бил особено значаен поради опсегот на предупредувањето и брзото повлекување.
Системот за рано предупредување во Јапонија користи податоци од сеизмометри поставени на различни набљудувачки станици за да ја процени локацијата, магнитудата и очекуваниот интензитет на земјотресите, со цел да им овозможи на граѓаните и институциите навремено да реагираат.
За споредба, најсилниот регистриран земјотрес во светот се случил во Чиле во 1960 година, со магнитуда од 9,5 степени.








