Нова академска година започна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со пораки до новата генерација студенти да го искористат периодот на студирање за стекнување знаења, вештини и искуства, но и да размислуваат за својата иднина во земјата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, обраќајќи им се на бруцошите на првиот академски час, ги повика да бидат љубопитни, храбри во потрагата по нови знаења и активно да ги користат можностите што им ги нуди високото образование.
„Овие млади луѓе избрале високо образование за да ги остварат своите амбиции и да се подготват за идните професионални и животни предизвици. Очекуваат да стекнат знаење и да научат вештини што ќе им овозможат успешно да се вклучат во светот на брзите технолошки, економски и општествени промени. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставува прашања и истражување. Бидете љубопитни студенти и храбри во потрагата по нови знаења“, порача Јаневска.
Таа посочи дека оваа година на шесте државни универзитети се запишале околу 10.000 студенти, додека на УКИМ има повеќе од 5.000 нови студенти од земјава, како и околу 400 странски студенти.
Јаневска истакна дека се преземаат мерки за подобрување на студентскиот стандард, меѓу кои финансиска поддршка, стипендии, студентски оброк, бесплатен јавен превоз и дигитализирани процедури за стипендирање и сместување во студентски домови. Таа информираше и за активностите поврзани со реконструкцијата на студентските домови и изградбата на нови факултетски објекти.
Во своето обраќање, министерката ги охрабри студентите да ги користат достапните научни бази и заедно со професорите да работат на научни и стручни трудови.
Порака за важноста на образованието и останувањето на младите во земјата упати и премиерот Христијан Мицкоски. Тој во свои неодамнешни обраќања зборуваше за иселувањето на младите и потребата тие во иднина да ги градат своите семејства и професионалниот развој во Македонија.
„Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина, Јован и Антониј да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но на крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија,“ рече Мицкоски.
Мицкоски оцени дека разочарувањата од периодот на транзицијата и економските и општествените проблеми придонеле дел од младите да ја бараат својата иднина во странство. Според него, потребно е да се создаваат услови за оние кои заминале еден ден да се вратат и своето знаење и искуство да го вложат во земјата.
Во ист контекст, тој упати порака и до македонската дијаспора да се враќа, да инвестира и да придонесува кон економскиот и општествениот развој на државата.
На почетокот на новата академска година, заедничката порака од институциите е младите преку образование, знаење и стекнати вештини да се подготват за професионалниот живот, а создавањето услови за нивната иднина во земјата да остане еден од важните предизвици.








