Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петок, на 2 октомври, ќе пристигне во Скопје, во рамки на нејзината турнеја низ Западен Балкан. Во фокусот на посетата ќе бидат европскиот пат на Северна Македонија, следните чекори во процесот на пристапување кон Европската Унија и напредокот во спроведувањето на реформите.
Од Европската комисија најавија дека Фон дер Лајен за време на посетата ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
Посетата на Скопје е дел од регионалната турнеја што ќе се одржи од 30 септември до 2 октомври, а во рамки на која претседателката на Европската комисија ќе ги посети Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија.
Европската перспектива и Планот за раст во центарот на разговорите
Според најавите од Брисел, разговорите со македонските власти ќе бидат насочени кон следните чекори на земјата на патот кон членство во ЕУ, како и кон напредокот во постепеното интегрирање на земјите од регионот во европските политики и економскиот простор.
Значајно место во агендата ќе има и Планот за раст за Западен Балкан, преку кој Европската Унија настојува да го забрза економскиот развој на регионот и да ги приближи земјите кандидатки до единствениот европски пазар. Во рамки на посетата, Фон дер Лајен ќе посети и проекти финансирани од ЕУ.
Турнејата доаѓа во период кога европската интеграција на Северна Македонија останува отворено прашање, а напредокот во пристапниот процес е поврзан со исполнувањето на преземените обврски и спроведувањето на реформите.
Една од клучните пречки за отворање на преговорите по кластери останува уставната измена со која треба да бидат внесени Бугарите во Уставот. За нејзино усвојување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Прашањето за деблокирање на евроинтеграциите и можностите за напредок во односите со Брисел се очекува да бидат меѓу темите на средбите со највисоките државни претставници.
Ова ќе биде шеста година по ред како Фон дер Лајен го посетува Западен Балкан. Од Европската комисија порачуваат дека Унијата нема да биде комплетна без земјите од регионот, нагласувајќи ја важноста на нивната европска интеграција.
Турнејата ќе ја започне на 30 септември во Тирана, каде што ќе се сретне со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама. На 1 октомври ќе престојува во Приштина, а потоа ќе замине за Подгорица, каде што ќе има средби со црногорските државни претставници.
Посетите на Србија и Босна и Херцеговина се одложени за подоцнежен период поради претстојните избори во двете земји.
На 2 октомври, со посетата на Скопје, ќе заврши регионалната турнеја на претседателката на Европската комисија.









