Поранешниот припадник на УЧК, Фадил Пушколи, синоќа бил приведен на граничниот премин Блаце, при обид да влезе во Северна Македонија, поради потерница издадена од српските власти.
Пушколи, кој е косовски државјанин и сопственик на медиумската агенција „КосоваПост“, самиот објави дека бил задржан врз основа на српската потерница и побарал од институциите на Косово да преземат мерки за заштита на неговите права.
По разговорот и испрашувањето, Пушколи бил ослободен од македонската полиција. Тој потоа им се заблагодарил на полицајците за, како што навел, коректниот и професионален однос.
Засега нема официјални информации од Министерството за внатрешни работи за конкретната причина поради која Србија го бара Пушколи, ниту за кривичното дело за кое е распишана потерницата. Во јавноста се наведува неговата поранешна припадност на УЧК, но не е потврдено за кое конкретно дело станува збор.
Случајот се случува во период кога повторно се активираат српските потерници против поранешни припадници на УЧК. Само во последните денови, по такви потерници, беа регистрирани и случаи со косовски државјани во Хрватска и Србија.
Во Македонија сличен случај имаше и во август 2024 година, кога по српска потерница беше приведен поранешниот припадник на УЧК Блерим Рамадани. Тој подоцна беше ослободен.
Приведувањето на Пушколи повторно го отвора прашањето за користењето на српските меѓународни потерници против поранешни припадници на УЧК и нивните последици врз односите меѓу Македонија, Косово и Србија.








