Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им го стави во мирување работниот однос на двајцата вработени осомничени за манипулации со податоците во електронскиот систем за студентски досиеја, преку кои, според Обвинителството, се стекнале со незаконска материјална корист од околу 21.000 евра.
Од Ректоратот соопштија дека на двајцата целосно им се одземени системските и администраторските привилегии во електронскиот систем. Мерките се преземени веднаш по поведувањето на постапката од Основното јавно обвинителство Штип и ќе важат до целосно расветлување на случајот.
Од Универзитетот информираат дека проверките се однесуваат на ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување студенти, а досиејата и евиденцијата на останатите студенти не се засегнати.
„Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи“, наведуваат од УГД.
Оттаму посочуваат дека електронскиот систем има дигитални механизми и записи преку кои се евидентираат сите интервенции, што овозможува утврдување на евентуална индивидуална одговорност.
Универзитетот најави целосна соработка со Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, но нема да коментира дополнително додека трае постапката.
Според информациите од Обвинителството, двајцата вработени се осомничени дека во периодот од 2021 до 2026 година манипулирале со податоците во електронскиот систем за студентски индекси, преку внесување, менување, бришење или прикривање податоци, со што оствариле незаконска материјална корист од околу 21.000 евра.
Станува збор за раководител на секторот за „е-индекс“ и референтка за студентски прашања на еден од факултетите. Против нив е поведена постапка за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Компјутерска измама“, а обвинителството побара од судот да им определи притвор.









