Татко и неговите две ќерки се осомничени за напад врз жена од селото Дрење, по расправија околу добитокот, при што таа се здобила со скршеница на левиот скочен зглоб.
До Основното јавно обвинителство Крива Паланка денеска е доставена кривична пријава против тројцата, поради сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“.
Според пријавата, недоразбирањето околу добитокот прераснало во расправија, по што пријавените физички ја нападнале жената. Ја влечеле, туркале и ѝ се заканувале, а при падот на земја таа се здобила со тешка телесна повреда.
Од Обвинителството информираат дека постапката се води итно, иако е во редовна процедура. Наредено е вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите, а се прибираат и други докази.
Обвинителот ја проценува и потребата од предлагање мерки за претпазливост, земајќи го предвид претходното однесување на пријавените, како и други постапки што биле или сè уште се водат против нив.








