Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во безбедноста и управувањето со ИТ-системот на Агенцијата за вработување, иако во периодот од 2020 до 2025 година за набавки поврзани со информатичката инфраструктура, безбедносните системи и комуникациските услуги биле реализирани и започнати договори во вредност од околу 2,78 милиони евра.
Ревизијата покажала дека системот во вкупно 293 дена, односно 15,7 проценти од анализираниот период, не бил покриен со договор за превентивно и адаптивно одржување. Тоа отвора прашања за континуитетот и сигурноста на системот преку кој се обработуваат евиденциите за невработени, посредувањето при вработување, активните мерки и исплатата на надоместоци.
Дополнителен проблем е недостигот од стручен кадар. Од седум систематизирани работни места во централниот Сектор за информатика, пополнети се само две, односно 28,57 проценти. Во последните три години не биле организирани обуки за ИТ-вработените, а не постои ниту документирана програма за нивно стручно усовршување.
Ревизорите констатирале слабости и во управувањето со личните податоци, корисничките пристапи и мрежната безбедност. Утврдена е потреба од подобра контрола на пристапот до информациите, како и од посилни механизми за резервно копирање и обновување на податоците.
Посочена е и потребата од воспоставување и редовно тестирање планови за континуитет на работењето, со цел системот да може да продолжи со работа или брзо да се обнови во случај на прекин или непредвиден настан. Недоволно се уредени и дел од условите за физичка заштита на ИТ-инфраструктурата.
Ревизијата го опфати периодот од 2021 до 2024 година, а заклучокот е дека утврдените слабости го загрозуваат ефективното ниво на заштита на информациите и ИТ-ресурсите на институцијата.
Државниот завод за ревизија препорача зајакнување на кадровските и техничките капацитети, подобрување на безбедносните контроли и воспоставување посистематско управување со ИТ-ризиците.









