Министерството за правда ќе отвори консултативен дијалог со правните факултети и студентите за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, а во меѓувреме ДУИ реагира дека со предложените решенија се загрозуваат уставните и законските права на студентите Албанци.
Министерот за правда, Јетон Шасивари, најави дека целта е да се разгледаат ставовите на академската заедница и студентите и да се дојде до правно издржано решение што ќе ги почитува јазичните права, но и единствените професионални стандарди во правосудството.
„Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин“, истакна Шасивари.
Тој најави и дека во краток рок ќе биде побарано мислење од Венецијанската комисија, со цел да се обезбеди дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди. Од Министерството појаснуваат дека измените треба да овозможат рамнотежа меѓу правото на образование на различни јазици и потребата од единствен, функционален правосуден систем.
Од ДУИ, пак, велат дека предлогот е неприфатлив и го обвинуваат министерот дека отстапува од ставовите што ги застапувал претходно. Според партијата, студентите имаат право правосудниот испит, како и другите државни испити, да го полагаат на албански јазик, во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците.
„Уставните и законските права не смеат да се претворат во предмет на политички пазарења“, наведуваат од ДУИ, повикувајќи на почитување на правата на студентите.
Додека Министерството најавува консултации и мислење од Венецијанската комисија, ДУИ инсистира дека предложените измени може да ги ограничат веќе стекнатите јазични права.








