Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вилата „Водно“ го додели Орденот „8 Септември“ на петмина истакнати македонски творци, како признание за нивниот долгогодишен придонес кон културата, уметноста, литературата и научната мисла.
Одликувањето им припадна на Јордан Плевнеш и Раде Силјан, а постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.
Во обраќањето на свеченоста, претседателката истакна дека нивното творештво ги надминува границите на одделните уметнички дисциплини и периоди. Според неа, зад различните форми на нивното творештво останува трајна вредност која продолжува да живее преку генерациите што ги читаат, изучуваат и паметат нивните дела.
Плевнеш беше издвоен како автор чиј книжевен и драматуршки опус претставува специфичен начин на толкување на историјата, времето и човекот. Неговите дела, во кои Македонија се појавува како културен и идентитетски феномен, се изведувани на повеќе од 50 јазици и во над 30 земји.
За Раде Силјан беше нагласен неговиот придонес во поезијата, книжевната критика, есеистиката, антологичарството и издаваштвото. Особено беше истакната неговата долгогодишна посветеност на зачувувањето и афирмирањето на македонското книжевно наследство, како и неговиот ангажман во основањето на „Матица македонска“.
Постхумното признание за Џеват Гега е поврзано со неговиот научен и академски придонес во проучувањето на албанската книжевност, јазикот, историјата и културата. Неговите компаративни истражувања на македонската и албанската книжевност придонеле кон подобро разбирање на нивните културни и книжевни врски.
Мето Јовановски беше одликуван за своето исклучително актерско творештво и длабоката трага што ја остави во македонскиот театар и филм. Покрај бројните улоги и признанија, беше истакната и неговата работа како професор и режисер.
Посебно место во одликувањата има и Глигор Чемерски, еден од најзначајните македонски ликовни уметници. Неговото творештво ги поврзува историското и современото, а во него се препознаваат влијанија и мотиви од македонското културно наследство, фрескописот, средновековната и античката уметност и народната меморија.
Неговото наследство опфаќа сликарство, графика, мозаици, фрески и монументални дела во повеќе градови низ земјата.
Со доделувањето на Орденот „8 Септември“, државата им оддава признание на петмина автори чие творештво, секој во својата област, остави препознатлив белег врз македонскиот културен простор и продолжува да биде дел од колективната меморија.









