Општина Дебар соопшти дека инспекторите го пронашле и санкционирале лицето кое беше снимено како фрла вреќи и кутии со отпад директно во реката Радика, во Дебарско.
Снимката, која предизвика бројни реакции во јавноста, беше објавена од Спортското риболовно друштво „Трофта“ од Дебар. На неа се гледа како маж со возило застанува на мостот над Радика, го отвора возилото и вади поголема количина отпад, кој потоа го фрла во реката.
Случајот предизвика остри реакции поради загадувањето на Радика, која се смета за една од најчистите и најубавите реки во земјава. Од риболовното друштво порачаа дека реката не е место за отпад и предупредија на последиците врз природата и живиот свет.
По објавувањето на видеото, полицијата презеде мерки за утврдување на идентитетот на лицето.
„Ве информираме дека, во рекордно време, по случајот со фрлање отпад во реката Радика, Инспекторатот при Општина Дебар, заедно со надлежните институции, излегоа на терен и ги презедоа потребните мерки, при што лицето одговорно за загадувањето беше санкционирано. Ова не е само една санкција, туку претставува почеток на нов и поодлучен пристап. Секое лице кое ја загадува реката Радика, јавните површини или кој било друг дел од животната средина ќе се соочи со мерките и санкциите предвидени со закон. Реката Радика и јавните површини не се места за фрлање отпад. Заштитата на природата и одржувањето на чистотата на Дебар е одговорност на сите нас. Општина Дебар ќе продолжи со контроли и конкретни активности за почист Дебар, поголем ред и уреден град“, напиша Општина Дебар на официјалната страна на Фејсбук.