Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Северна Македонија нема да се повлече од разговорите со Бугарија и покрај несогласувањата околу условите за продолжување на европскиот интегративен процес.
Во разговор за Атлантскиот совет во Вашингтон, тој оцени дека прекинот на комуникацијата би бил погрешен чекор и би можел да ја изолира земјата.
„Не можеме да се повлечеме од разговорите, бидејќи тогаш ќе испратиме многу погрешна порака и ќе се изолираме. Вистинските патриоти водат битки и победуваат, не се предаваат“, рече Мицкоски, додавајќи дека ќе продолжи да разговара и за најтешките прашања.
Говорејќи за евроинтеграциите, премиерот повторно го критикуваше начинот на кој досега се одвива процесот, оценувајќи дека земјата постојано се соочува со нови услови и билатерални прашања. Како пример ги посочи промената на уставното име и актуелното барање за уставни измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Уставот.
Мицкоски оцени дека проблемот е и во тоа што не постои гаранција дека по исполнувањето на актуелниот услов нема да се појави ново барање. Според него, земјата треба да добие јасен и предвидлив процес во кој исполнувањето на преземените обврски ќе води кон напредок во преговорите.
Премиерот не ја исклучи можноста уставните измени да бидат прифатени, но предложи нивното стапување во сила да биде со одложено дејство. Според оваа идеја, измените би стапиле во сила откако земјата ќе ги заврши преговорите со Европската Унија, со цел да се обезбеди дека нема да следуваат нови пречки по истиот основ.
Мицкоски во Вашингтон истакна и дека стратешкото партнерство со САД и членството во Европската Унија остануваат меѓу приоритетите на земјата. Тој порача дека Владата ќе продолжи да комуницира со сите страни и дека нејзината позиција кон прашањето со Бугарија нема да се менува преку ноќ.
Неговата изјава следи по вчерашниот став искажан од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која рече дека земјава ќе го продолжи евроинтегративниот пат со внесување на Бугарите во Уставот.
Кос: Очекуваме Северна Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот и да продолжи кон ЕУ










