Со првиот академски час денеска започна новата студиска 2026/2027 година на универзитетите во земјава. На додипломски студии во Македонија годишно студираат околу 53.500 студенти, од кои околу 13.800 се бруцоши, односно студенти кои за првпат се запишуваат на прва година.
Свечени академски часови се организираат на повеќе универзитети низ земјава, меѓу кои УКИМ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип, Државниот универзитет во Тетово, „Мајка Тереза“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје првиот академски час се одржува на платото на УКИМ, со свечена програма, официјални обраќања, културно-уметничка програма и информативна сесија за новите студенти. На настанот присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На УКИМ годинава биле обезбедени 8.851 место за бруцоши на 23 факултети. Универзитетот во моментов има повеќе од 26 илјади студенти, од кои над 23.400 се на додипломски студии, а останатите на магистерски и докторски студии.
Во рамки на првиот циклус УКИМ нуди 242 студиски програми, додека на втор циклус има 313 програми, а на трет циклус, односно докторски студии, 99 програми.
Новата академска година носи и нов мандат за ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, која беше реизбрана за тригодишен мандат во периодот од 2026 до 2029 година. Избрано е и ново раководство на универзитетот со четворица проректори.
Првиот академски час се одржува и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што на свеченоста е најавено присуство и обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Почетокот на академската година се одбележува и со објавувањето на резултатите за студентското сместување. МОН ги објави списоците на бруцошите кои добиле место во студентските домови во Скопје, Штип, Тетово, Битола и Охрид.
Студентите кои сметаат дека имаат основа за приговор можат да го поднесат во домот каде што аплицирале, во рок од 10 дена од објавувањето на списоците.









