Пратеничката група на СДСМ поднесе иницијатива за одржување итна седница на Собранието посветена на насилството врз жените и семејното насилство, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја поддржи иницијативата.
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, соопшти дека на седницата бараат присуство на министрите за внатрешни работи, социјална политика и правда, како и на државниот јавен обвинител. Целта, според неа, е да се утврдат институционалните пропусти, да се побара одговорност и да се предложат конкретни мерки за превенција и заштита на жртвите.
Тренчевска посочи дека во последните две години се регистрирани 13 фемициди – шест во 2025 и седум во 2026 година. Таа ги спомена случаите на Билјана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, како и нападот врз Сара од Охрид, оценувајќи дека институциите не обезбедиле навремена и соодветна заштита.
Според податоците што ги презентираше, во 2025 година Министерството за внатрешни работи евидентирало 4.745 пријави од жени и поднело повеќе од 1.000 кривични пријави, додека центрите за социјална работа регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство.
Во првите десет месеци од 2026 година, според Тренчевска, бројот на пријави е зголемен за над 70 проценти, а поднесени се 1.450 кривични пријави, што е зголемување од 50 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Таа побара и побрзо донесување на заклучоците од надзорната расправа за насилството врз жените, одржана во јуни и јули, како и разгледување на барањата на граѓанските организации за измени на осум закони. Меѓу барањата е и ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство, кој од август се наоѓа во собраниска процедура.
Од ВМРО-ДПМНЕ, преку пратеникот Бојан Стојаноски, најавија поддршка за вонредната седница. Стојаноски посочи дека зголемувањето на бројот на пријави не мора да значи дека насилството претходно било помалку присутно, туку дека граѓаните сега почесто го пријавуваат.
Тој го отвори и прашањето за одговорноста на обвинителството и судовите, односно зошто дел од случаите немаат обвинителна или судска разрешница. Како фактор за зголемувањето на бројот на постапки ги посочи и измените на Кривичниот законик од јануари годинава, со кои се овозможува гонење по службена должност и во случаи кога жртвата ќе се повлече од кривичниот прогон.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади договорија зајакната координација во постапувањето по случаи на семејно насилство.
Според договорениот модел, полицијата треба веднаш да го известува надлежниот обвинител за секој евидентиран случај, кој ќе ја координира постапката со полициските инспектори и стручните лица од центрите за социјална работа









