Либерално-демократската партија (ЛДП) бара од Владата безусловно да гарантира дека нема да има поскапување на електричната енергија и парното греење, предупредувајќи дека новите зголемувања дополнително ќе го оптоварат стандардот на граѓаните.
Од партијата потсетуваат дека Владата дојде на власт со ветувања за намалување на енергетските трошоци и заштита на животниот стандард, но сега се разгледуваат нови поскапувања. Според ЛДП, парното во Скопје за една година би можело кумулативно да поскапи околу 20 отсто, со предложени корекции од 7,2 до 7,55 проценти, додека кај струјата се најавува можен раст од два до три отсто.
„Цените на основните прехранбени производи, давачките и комуналните услуги растат, платите не ги следат зголемените трошоци, а сè повеќе семејства едвај го туркаат месецот и до дваесеттиот ден“, изјави Дејанчо Цветановски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Од партијата оценуваат дека секое ново поскапување би значело неисполнување на ветувањата и дополнително префрлање на товарот врз домаќинствата. Побараа Владата веднаш да ги исполни ветувањата за пониски енергетски трошоци, а доколку не може да го направи тоа, да се повлече од функциите.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека државната компанија ЕСМ ќе понуди иста цена на струјата како минатата година, но посочи дека не може да гарантира дека нема да има промени од приватните учесници на пазарот. За парното, Владата најави дека ќе се обиде да го ограничи евентуалното поскапување.









