Полициски екипи утрово вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомнежи за незаконски манипулации со испитни оценки и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Според првичните информации, истрагата е насочена кон поранешен раководител на ИТ-секторот на универзитетот, кој се сомничи дека подолг период вршел неовластени интервенции во електронскиот систем за евиденција на студентите.
Сомнежите се дека преку ваквите интервенции биле менувани резултати од испити, бришени негативни оценки и овозможувано запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови. За овие услуги, осомничениот наводно добивал паричен надомест.
Според неофицијалните информации, ваквите услуги наводно им биле нудени главно на студенти од Турција, кои во значителен број студираат на овој универзитет. При претресите, во домот на осомничениот, наводно била пронајдена и поголема сума пари.
Истрагата треба да утврди колку долго траела евентуалната злоупотреба, колку студенти биле опфатени и дали во случајот биле вклучени и други лица од универзитетските структури.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за деталите од акцијата, ниту за евентуалниот број на осомничени лица.
Случајот доаѓа по претходниот скандал на истиот универзитет, кога професорка беше приведена под сомнение дека побарала и примила 300 евра од студент за да му овозможи да положи испит.








