Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини годинава е најтранспарентно меѓу министерствата, додека финансиските информации и натаму се меѓу најмалку достапните за јавноста. Ова го покажуваат најновите податоци за активната транспарентност на институциите.
За само две години од своето формирање, Министерството за енергетика успеало да достигне максимален резултат од 100 проценти активна транспарентност. Со тоа го презема првото место од Министерството за одбрана, кое претходно пет години по ред беше најтранспарентно министерство.
Според податоците, просечната активна транспарентност на Владата, министерствата и општините годинава изнесува 82 проценти, што претставува зголемување за два процентни поена во однос на минатата година.
Владата и министерствата имаат просечна транспарентност од 86 проценти, додека кај општините просекот изнесува 81 процент. Во истражувањето се опфатени Владата, сите министерства и сите општини во државата.
Сепак, подобрувањето на просечниот резултат не значи дека сите институции бележат напредок. Кај 41 процент од институциите е регистрирано намалување на активната транспарентност во споредба со претходната година.
На локално ниво, максимален резултат од 100 проценти имаат општините Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип. На спротивниот крај е Општина Лозово, која со 36,9 проценти има најнизок резултат.
Особено проблематична останува достапноста на финансиските информации. Кај министерствата исполнувањето на индикаторите во оваа област е 71 процент, додека кај општините изнесува 64 проценти.
Дополнителен проблем е и навременото постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Значителен дел од институциите не одговориле во законскиот рок или воопшто не доставиле одговор.
Податоците покажуваат дека институциите во целина стануваат поотворени кон јавноста, но транспарентноста не е рамномерна. Особено останува простор за подобрување во објавувањето финансиски податоци и навременото обезбедување информации што ги бараат граѓаните.









