Кривична пријава против 20-годишник од тетовското село Голема Речица поднесе Министерството за внатрешни работи, по заедничка истрага со Федералното истражно биро (ФБИ) за нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се продавале украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за компјутерски криминал.
Од МВР информираат дека пријавата против Е.А. е поднесена до Основното јавно обвинителство Тетово поради сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Според истрагата, осомничениот во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“. Таа служела како нелегален пазар на кој сајбер-криминалци купувале и продавале украдени лични податоци, како и пристапни податоци за кориснички сметки и компјутерски мрежи. Во периодот на функционирање на платформата биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни акредитиви.
Истрагата утврдила и дека од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал нелегална група под името „ONEMILI“ на апликацијата „Телеграм“. Преку групата биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање пари.
Од МВР наведуваат дека биле обезбедени и докази оти осомничениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Истрагата започнала по информации добиени од ФБИ, по што следувала координирана соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Според Министерството, ова е првата заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ, насочена кон откривање и сузбивање на транснационалниот компјутерски криминал.








