Министерството за внатрешни работи го расчисти случајот со видеото на кое се гледа палење на македонското знаме, објавено на социјалната мрежа „ТикТок“. Станува збор за малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.
Видеото било откриено на 22 септември при мониторинг на социјалните мрежи. Според МВР, содржината упатува на кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа, согласно член 319 од Кривичниот законик.
По преземените оперативни мерки, на 23 септември бил утврден идентитетот на авторот на профилот. Со него бил извршен службен разговор во присуство на родител и претставници на Центарот за социјална работа Тетово, при што, според полицијата, го признал делото.
Со согласност на родителот бил обезбеден и мобилниот телефон од кој било објавено видеото, за потребите на постапката и документирањето на доказите.
Малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица.
По целосното документирање на случајот, МВР најави дека ќе поднесе соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство Тетово.








