Навивачката група „Комити“ објави дека ќе ги бојкотира сите натпревари на ФК Вардар, најавувајќи дека одлуката ќе остане во сила сè додека актуелната Управа на клубот, предводена од Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не замине од раководните позиции.
Од навивачката група информираат дека одлуката била донесена по консултации со сите подгрупи и дека била едногласно прифатена од членовите.
Како главни причини за ваквиот чекор, „Комити“ ги наведуваат, како што велат, „аматеризмот и примитивизмот што владеат во клубот“, но и незадоволството од односот кон навивачите.
Посебно внимание во нивната реакција е посветено на последниот натпревар, за кој тврдат дека обезбедувањето ангажирано од Управата, по наредба на Миленко Неделковски, физички ги нападнало деца од навивачката група и од клубот.
„Комити“ овој настан го оценуваат како „последен срамен чин“ и порачаа дека, според нив, ваквото однесување нема да биде дозволено да се повтори.

Навивачката група најави дека ќе остане доследна на одлуката за бојкот, додека не се исполнат нивните барања и не дојде до промени во раководството на ФК Вардар.
Црвен картон за Неделковски уште на самиот старт
Миленко Неделковски беше именуван за нов извршен директор на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар на 11 ноември 2024 година. Нешто повеќе од една недела подоцна, Здружението за промоција на спортски активности 35 години Вардарци – Скопје кое ги застапува навивачите на „црвено-црните“ Комити , побараа смена на актуелното раководство на ФК Вардар, откако новиот сопственик на клубот Атила Бижен Жалили, за извршен директор на Вардар го назначи токму Неделковски.
Истражувањето на Радио Слободна Европа во октомври 2024 година, покажа дека Турчинот Атила Бијен Јалили, име непознато за фудбалската светска јавност, стана нов доминантен сопственик на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.
Претставен е како бизнисмен од Унгарија и менаџер на тамошната фирма за производство на електрична енергија „Сол Сервисес“, компанија која е во сопственост на турскиот “Полат холдинг“. Поврзаноста на фирмите на „Полат холдинг“ упатуваат на тоа дека вистински сопственик е 71 годишниот турски милијардер Аднан Полат, поранешен претседател на „ФК Галатасарај“. Уште пред да ги купи „црвено- црните“, „Полат холдинг“ е присутен во Македонија преку други бизниси.

Како што објави тогаш РСЕ, во органограмот на структурата на „Полат Холдинг“, според последниот документ објавен во 2022 година на нивната веб – страница, стои дека Аднан Полат е претседател на Одборот на директори, додека Биjен Јалили потписникот на договорот за нова сопственост на „ФК Вардар“ е наведен како еден од генералните менаџери на голем број компании кои во Унгарија ги има турскиот холдинг.
„Полат холдинг“ преку Биjен Јалили и други луѓе од компанијата – меѓу кои Октај Хатирназ, главен финаниски директор на холдингот и Нешет Озгур Џирели, член на Одборот на директори на „Полат Холдинг“, се влезени во бизнис секторот во Македонија, основајќи четири фирми за производство на електрична енергија.
Компаниите се во сопствеништво на „ХСВЕ Инвестментс“ – фирма основана од „Полат холдинг“ за развивање бизнис во странство во секторите недвижности, енергија и трговија.
Според јавно достапните податоци на Регулаторната комисија за енергетика, ниту една од овие компании досега нема побарано, а со тоа ни добиено лиценца за производство на електрична енергија.
Покрај четирите македонски фирми во сопственост на турскиот холдинг, „Полат холдинг“ поседува и голем број други компаниите со кои оперира на турскиот и унгарскиот пазар во секторите недвижен имот, енергија, технологија и индустрија.
Влез во бизнисот со медицински канабис
На 12 март 2021, поранешниот директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски, објави фотографии со Галип Јилмаз, тогаш презентиран како еден од членовите на бордот на директори на „Полат холдинг“. Николовски соопшти дека турската компанија е заинтересирана за инвестиции во обновливи и чисти енергетски ресурси за одржлива иднина.
Според биографијата објавена на „ЛинкдИн“, Галип Јилмаз бил комерцијален директор на групацијата од јануари 2018 до мај 2021. Јилмаз навел и дека бил генерален менаџер на „АЛХ Унгарија“ февруари 2016 до јануари 2018 година, фирма која исто така е под капата на турската „Полат холдинг“.
Проверката на РСЕ на името на Галип Јилмаз во „Бизнис мрежа“, дата база на македонски компании и нивното сопствеништво, покажува дека во одреден временски период, Турчинот фигурирал како управител на две фирми во Куманово, а нивен последен и актуелен управител е Октај Хартиназ, финансиски директор на „Полат холдинг“.
Се работи за компаниите „Маккан Хелт ДООЕЛ Куманово“ и „Магиа Инвестмент ДОО Куманово“ – со регистрирана дејност за производство на медицинско масло од канабис. И двете компании се наоѓаат во индустриската зона „Карпош“ во близина на Куманово.
Едната фирма не проработела, другата со одземена лиценца
Според податоците од „Бизнис мрежа“, до средината на јули 2019 година, компанијата има пет сопственици од Северна Македонија. На 29 јули 2019 година како управител е додаден Галип Јилмаз, кој е на позицијата до 07 мај 2021 година. Речиси два месеца подоцна, фирмата добива и нов, доминантен шести сопственик – „Магиа Инвестмент Кфт“.
Тоа е фирма од Унгарија, чие седиште е исто како и на „Полат холдинг“ и други негови фирми – ќерки, меѓу кои и „Сол Сервисес“, чиј генерален менаџер е Атила Бијан Јалили. Во „Магиа Инвестмент Кфт“, онлајн дата базите за фирми во Унгарија покажуваат дека членови на Одборот на фирмата се Октај Хатирназ и Нешет Озгур Џирели, член на Одборот на директори на „Полат Холдинг“.
Во македонската „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“, од 13 март 2024 година, Октај Хатирназ, кој е дел од Управниот одбор на „Полат холдинг“ е нов и последен нејзин управител.
За оваа компанија, нема информација дали Владата и доделила концесија за производство на масло. Од 10 април 2023 година, се уште е бил активен огласот до октомври 2024 година, во кој „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“ го продава објектот каде планирале да започнат со производство на масло од канабис.
Но, другата компанија „МАККАН ХЕЛТ“ – добила, а потоа изгубила право да произведува масло од канабис. Според алатката „Бизнис мрежа“, до 18 август 2019 година, фирмата имала исклучиво македонски сопственици.
Еден ден подоцна, на 19 август 2019 до денеска, „МАККАН ХЕЛТ“ преминува во целосна сопственост на „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“.
Неполни четири месеци пред Турците да влезат во „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ Куманово“, Владата на 8 мај 2019 година и дала одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. По четири години, Владата на 8 јуни 2023 година и ја одзема лиценцата на компанијата.
Од Владата тогаш за РСЕ одговориле дека постапиле по препорака на специјалната Комисија која го следи производството на канабис и задолжена да врши инспекции, дека при извршена вонредна контрола на лице место, „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ – Куманово“ работел спротивно на законот.
Унгарски медиуми: „Делегат“ на Ердоган во Унгарија или откритие на Орбан?“
И додека во македонската јавност се промовира само името на новиот сопственик на „ФК Вардар“ – Атила Бијан Јалили со компанијата „Сол Сервисес“, каде ја има позицијата само на генерален менаџер, лично тој и други луѓе кои се дел од структурата на турскиот „Полат холдинг“ се присутни во македонскиот бизнис одамна преку новоформирани или купени компании.
Претседателот на Бордот на директори на „Полат холдинг“, Аднан Полат е роден во Ерзурум, во источна Анадолија во 1953 година. Дипломирал на бизнис школа во Бруклин, Њујорк.
Откако се вратил дома во Турција, веднаш почнал да работи како директор на една од семејните компании, додека полека не ја преземал корпоративната империја основана од неговиот татко пред повеќе од 60 години, која вклучува фирми во повеќе сектори, како енергетика и недвижности.

Денеска, унгарските медиуми го портретираат Аднан Полат како близок до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и личен пријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговото семејство, држава во која има голем број компании и бизниси.
„Самиот Аднан Полат се пофали дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги поддржува неговите идеи и бара негово мислење за енергетските прашања. Според изјавите на Полат за печатот, сè започнало кога тој му пришол на новиот премиер Ердоган по неговата изборна победа во 2003 година, кој бил изненаден од идејата, а шест месеци подоцна бил изготвен закон со кој се дозволува инсталирање на ветерни електрани. Оттогаш, „Полат Енерџи“ е најголемиот турски играч во енергијата на ветерот“, пишува унгарскиот неделен весник „Magyar Narancs“.
Унгарскиот медиум „Валас“ во повеќе наврати пишува за влезот и успешноста на Полат Аднан и на унгарскиот пазар.
„Турскиот бизнисмен Аднан Полат, кој стои во фокусот на оската Ердоган-Орбан, ја трансформираше Унгарија во преработувачка област за најбогатата класа на неговите сонародници: тој и неговите соработници веќе контролираат 25 унгарски деловни интереси – и ова е само почеток. „Валас“ истражуваше дека истата група ги собира териториите за џиновската мрежа на соларни паркови на освојувачите на Истанбул, која им служи на доверливите луѓе на зетот на премиерот Виктор Орбан, Иштван Тиборац. Но, зошто унгарската влада им дозволува на странците да поседуваат поголем дел од соларната индустрија што инаку би можела да функционира во национално или класично пазарно опкружување?“, наведува „Валас“.
Во 2015 година, подружница на „Полат холдинг“, „АЛХ Унгарија“ (АЛХ унгарски трговски центар за развој) беше избрана од Министерството за надворешни работи на Унгарија да биде официјален партнер за промоција на унгарските компании на турскиот, грчкиот и кипарскиот пазар. Со тоа, „АЛХ Унгарија“ стана и официјален претставник на Унгарската национална трговска куќа.
Во годишниот извештај на „АЛХ Унгарија“ од 2016 година, покрај обраќањето на Полат Аднан за успехот во промоција на унгарските фирми, претставени се и двајцата генерални менаџери на компанијата. Едниот од нив е токму Галип Јилмаз, кој порано ги водел фирмите за марихуана во Македонија.

Во Турција, пак, договорен партнер на Унгарската агенција за промоција на извозот (ХЕПА) задолжен за промоција на унгарските компании во Турција и Грција е „ХЕПА Турција“.
Во последниот објавен годишен извештај од компанијата во 2022 година е наведено дека „регионалното седиште на „Хепа Турција“ се наоѓа во истата зграда заедно со унгарскиот
Генерален конзулат, унгарски културен центар и претставништво на унгарската „Ексим банка“ во „Полат холдинг“ во Инстанбул.
„Ексим банка“ е во стопроцентна сопственост на Унгарија, а стана позната во домашната јавност откако со Северна Македонија потпиша договор за заем во вредност од половина милијарда евра.
Вчера, унгарските власти под новото раководство на премиерот Петер Маѓар започнале кривична истрага за наводни злоупотреби и лошо управување во државната Ексимбанка, а меѓу случаите што ги проверуваат е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Македонија, објави Ројтерс.










