Клиентите на „Алта банка“ АД Битола од денеска ќе можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, во рамки на утврдените ограничувања за располагање со средствата. Дополнително, од утре ќе започне со работа и експозитура на банката во Трговскиот центар „Бисер“ во Скопје, информира Народната банка.
Олеснувањето на условите е дел од активностите за постепено проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на банката, која е под привремена администрација.
Лимитот за користење на средствата останува 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички, односно до 20.000 денари во период од две недели за оние кои немаат картички. Ограничувањето се однесува на сите сметки на клиентите во банката и ги опфаќа плаќањата со картички, повлекувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и трансакциите преку електронско и мобилно банкарство.
Продолжуваат да работат и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите и досега можеа да подигнуваат готовина на шалтер во рамки на утврдените лимити, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од Народната банка велат дека продолжуваат да ја следат состојбата и постепено да ги прошируваат достапните услуги, со цел клиентите да имаат полесен пристап до сопствените средства.









