Делегацијата на Европската Унија во Скопје ги повика сите засегнати страни да се водат од проверени информации при оценувањето на состојбата во студентскиот дом „Стив Наумов“, по критиките од студентите за условите во реновираните објекти. Од Делегацијата посочуваат дека студентите имаат право да ги изнесат своите забелешки, но предупредуваат дека фотографии и поединечни случаи не се доволни за да се добие целосна слика за состојбата.
Реконструкцијата на домот беше реализирана со поддршка на Европската Унија, Владата и Германската развојна банка KfW, како дел од пошироките инвестиции за подобрување на условите за студентско сместување. Реновираните објекти беа официјално пуштени во употреба на 30 септември годинава и сè уште се во гарантен период.
Од Делегацијата објаснуваат дека евентуалните градежни пропусти и технички проблеми треба да бидат пријавени преку предвидените механизми, по што одговорните изведувачи треба да ги проверат и отстранат.
„Решавањето на реални проблеми и презентирање точни информации се од суштинско значење за заштита на интересите на студентите и за одржување на јавната доверба. Студентите имаат полно право да изразат загриженост, и тоа треба да се сфати сериозно. Подеднакво важно е да се осигури дека информациите што се споделуваат во јавноста се точни и соодветно проверени. Фотографии или изолирани инциденти не секогаш ја прикажуваат целосната слика, па затоа заклучоците треба да се засноваат на утврдени факти“, наведуваат од Делегацијата.
Оттаму нагласуваат дека одржувањето на објектите и санирањето на евентуалните недостатоци е обврска на надлежните институции и градежната компанија, но и дека студентите треба одговорно да ги користат просториите.
„ЕУ очекува високи стандарди за квалитет и одговорност од сите чинители вклучени во нејзините инвестиции. Иако надлежните органи и градежната компанија се одговорни за одржувањето и поправката на недостатоците, и студентите имаат одговорност совесно да ги користат објектите – пред сè, за свое добро. Фактите се важни. Важни се и студентите“, велат од Делегацијата.
Реакцијата доаѓа по поплаките на студентите во октомври, кога преку медиумите алармираа за влага, протекување вода во собите, проблеми со греењето и неисправни ролетни. Од Делегацијата информираат дека нивни претставници ги разгледале околностите, вклучително и со посета на објектите, за да ја утврдат фактичката состојба.
Вода тече од таваните во „Стив Наумов“, Јаневска отиде во обиколка за да увери дека „не тече никаде“









