Поранешниот американски претседател Џо Бајден беше мета на демонстранти за време на ненадејната посета на Тринити колеџот во Даблин, Ирска. При неговото заминување од објектот, демонстрантите фрлале предмети, меѓу кои и картонски пакувања со млеко, додека полицијата интервенирала за да ја обезбеди неговата придружба.
Бајден во Даблин пристигнал со сопругата Џил, за да присуствува на церемонијата на која неговиот син Хантер ја доби златната медалја за особен придонес во јавната дебата, признание што го доделува универзитетското историско друштво.
Пред колеџот се собрале пропалестински демонстранти, кои протестирале поради поддршката што Бајден му ја даваше на Израел за време на неговиот претседателски мандат.
Тие извикувале „Геноцид Џо“ и „Срамота за вас“, а дел од нив се обиделе да се приближат до возилата на семејството Бајден.

Ирската полиција интервенирала, а најмалку две лица биле уапсени. Според сведочења, при приведувањето на демонстрантите бил употребен и бибер-спреј.
За време на посетата, Бајден се сретнал и со ирскиот премиер Михал Мартин, со кого разговарал за долгогодишните врски на неговото семејство со Ирска и за мировниот процес во Северна Ирска.
Посетата доаѓа во период кога Бајден се подготвува за објавување на своите мемоари, но неодамна најави дека поради лекувањето од рак на простата ќе има ограничен број јавни настапи.









