Агенцијата за национална безбедност, во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, презема активности за откривање и спречување на пропагандна мрежа која, според безбедносните информации, работела во интерес на руски и други странски фактори.
Во рамки на истрагата, на 18 септември бил извршен претрес во домот на македонски државјанин за кого постојат сомнежи дека бил поврзан со странски пропагандни активности во македонскиот медиумски простор. При претресот биле пронајдени и одземени предмети кои дополнително се вештачат.
Лицето е осомничено за три кривични дела: предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, оддавање службена тајна, како и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Според информациите на безбедносните служби, мрежата функционирала преку клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домени. Преку овие платформи биле објавувани лажни вести и дезинформации, а актуелни теми биле користени за манипулирање со јавноста.
Целта, според досегашните сознанија, била да се поткопа довербата во институциите, да се поттикнува етничка омраза и да се влијае врз евроинтегративните процеси на земјата.
Од безбедносните служби посочуваат дека случајот претставува продолжение на претходно спречени активности поврзани со проруски хибридни структури. Најавено е дека ќе продолжат активностите за откривање и спречување на слични субверзивни дејства поврзани со регионални проруски структури.









