Од понеделник, 16 ноември, ќе започне со работа експозитурата на „Алта банка“ во Прилеп, со што се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите во овој град.
Од Народната банка информираат дека во новоотворената експозитура клиентите кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат готовина до 20.000 денари во период од две недели, во рамки на утврдениот лимит.
Продолжуваат со работа и експозитурите на банката во Битола, Струмица, Тетово и во Скопје, во трговскиот центар „Бисер“. Таму клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер, согласно утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други финансиски обврски.
Во меѓувреме, од 10 ноември клиентите на „Алта банка“ можат да ги користат и услугите на електронското и мобилното банкарство, со ограничувања за располагање со средствата.
Народната банка посочува дека мерките се дел од активностите за постепено олеснување на пристапот до средствата и овозможување на граѓаните непречено да ги извршуваат секојдневните финансиски обврски.









