Министерството за здравство соопшти дека е активирана веб-страницата vakcinacija.mk, преку која граѓаните ќе може да се пријават за бесплатна вакцинација против сезонски грип.
За вакцина може да се пријават лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени, здравствените работници и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Заинтересираните граѓани треба да ја пополнат електронската форма достапна на следниот линк.
„Со пополнувањето на формуларот, пријавувањето се евидентира директно во системот „Мој термин“. Потоа, согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, граѓаните ќе добијат СМС-порака со точниот датум и час за вакцинација, на пунктот што го избрале при регистрацијата“, соопшти Министерството.
Министерот за здравство, Сашо Клековски вчера соопшти дека во земјава се пристигнати првите 30.000 вакцини против сезонски грип. Втората пратка, со дополнителни 26.000 дози, треба да пристигне до 15 ноември. Во меѓувреме, Клековски информираше дека Министерството за здравство работи на обезбедување вкупно 80.000 вакцини за претстојната сезона на грип.
Вакцинацијата, како што соопшти министерот, се очекува да почне во периодот од 16 до 25 октомври.
Пристигнаа првите 30.000 вакцини против грип, вакцинацијата се очекува да почне на 16 октомври








