Првите 30.000 вакцини против сезонски грип пристигнаа во земјава, а вакцинацијата се очекува да почне во периодот од 16 до 25 октомври, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Втората пратка, со дополнителни 26.000 дози, треба да пристигне до 15 ноември. Во меѓувреме, Клековски информираше дека Министерството за здравство работи на обезбедување вкупно 80.000 вакцини за претстојната сезона на грип.
„Важно ни беше да стигнат првите 30.000 вакцини за да почнеме веднаш со најризичните групи. На 15 ноември ќе ги имаме следните 26.000, а во меѓувреме ќе се потрудиме да ги обезбедиме и останатите до 80.000 дози“, изјави Клековски.
Со првата пратка, приоритет за вакцинација ќе имаат граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи, согласно нивната здравствена состојба и медицинските дијагнози.
Пријавувањето за вакцинација се врши преку модулот во системот „Мој Термин“, со цел здравствените власти да имаат увид во бројот на пријавени граѓани и соодветно да ја организираат имунизацијата.
Клековски најави дека и самиот ќе се вакцинира за да ги охрабри граѓаните да го следат неговиот пример. Тој посочи дека вакцинацијата во земјава ќе почне порано отколку во некои соседни држави, каде што почетокот на имунизацијата е планиран за ноември.
Пропадна набавката на вакцини против грип, имунизацијата ќе доцни









