Уставот не треба да се менува лесно и често, бидејќи претставува темел на државата и договор меѓу граѓаните и институциите. Ова беше една од главните пораки на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на научната конференција по повод 35 години од независноста и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.
На конференцијата, организирана од Собранието, Државниот архив и Институтот за национална историја, Силјановска-Давкова се осврна на бројните интервенции во највисокиот правен акт, посочувајќи дека во изминатите 32 години биле усвоени 36 амандмани. Според неа, тоа ја отвора дилемата за стабилноста на уставниот поредок и односот кон Уставот како основен општествен договор.
„Во компаративното уставно право ние сме рекордери по бројот на измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа, основното прашање е: ако Уставот е основен извор на уставноправната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува?“, рече претседателката.
Таа направи и споредба меѓу причините за досегашните измени, наведувајќи дека 15 од нив биле иницирани во земјата, додека во 21 случај значајна улога имала меѓународната заедница. Во таа насока, Силјановска-Давкова оцени дека е потребна посериозна анализа на влијанието на надворешните фактори врз уставните процеси.
„Кај нас можеби треба да стои ‘Ние, народот и меѓународната заедница’. Не го кажувам ова цинично, но мислам дека навистина треба сериозно да размислиме“, рече таа, алудирајќи на вообичаената формулација со која почнуваат уставите во некои држави.
Претседателката предложи Уставната комисија во Собранието да има поактивна улога и да се состанува почесто, со вклучување и на надворешни експерти. Според неа, работата на ова тело не треба да биде ограничена само на периодите кога се отвораат прашања за нови уставни измени, туку треба постојано да ги следи примената на Уставот и проблемите што се појавуваат во институционалното функционирање.
„Не да се состануваме само кога однадвор ќе треба да посегнеме по уставни измени, туку да видиме каде се појавиле проблеми, а има многу“, порача Силјановска-Давкова.
Осврнувајќи се на европските вредности и принципи, таа потсети дека европските договори предвидуваат почитување на еднаквоста меѓу државите, нивниот национален и културен идентитет, како и нивните уставни и политички уредувања. Во контекст на европските интеграции и барањата за нови уставни измени, претседателката нагласи дека одлуките на пратениците треба да произлегуваат од нивното лично уверување и одговорност кон граѓаните.
Силјановска-Давкова, која била надворешна членка на Уставната комисија при подготовката на првиот Устав, се потсети и на дебатите во кои учествувала. Според неа, документот бил изработен со силна посветеност на демократските принципи, човековите права и слободи, а неговата посебност е и во тоа што темелните вредности на уставниот поредок се поставени уште на почетокот.
Првиот Устав на независна Македонија беше донесен на 17 ноември 1991 година, со 92 гласа „за“ и 22 „против“. Претседателката потсети дека уште во 1992 година биле усвоени првите два амандмана, по барања од меѓународната заедница.
На конференцијата се обратија и директорот на Државниот архив, Димитар Богески, и директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов. Настанот беше отворен од претседателот на Собранието, Африм Гаши.









