Дваесет и четиригодишниот К.У., кој минатата недела избега од полициската станица во Битола скокајќи низ прозорец додека полицајците се обидувале да го лишат од слобода, денеска сам се пријавил во СВР Битола. Тој се сомничи за семејно насилство врз 21-годишната партнерка, која пријавила дека подолг период трпела физичко и психичко малтретирање, како и закани.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека младиот битолчанец се предал околу 12 часот, по претходен договор меѓу полициските службеници, неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. По пристигнувањето во полициската станица бил лишен од слобода, а криминалистичката полиција со него врши службен разговор.
Против него на 11 ноември била поднесена кривична пријава за „Загрозување при семејно насилство“ и „Телесна повреда при семејно насилство“, согласно членовите 144 став 3 и 130 став 2 од Кривичниот законик.
Случајот го пријавила неговата 21-годишна партнерка на 10 ноември, наведувајќи дека истиот ден, околу 17 часот, била физички нападната. Во пријавата посочила дека насилството траело подолг период и дека покрај физичките напади била изложена и на психичко малтретирање и закани. По проценка на Центарот за социјална работа, девојката била згрижена во шелтер-центар.
Осомничениот вечерта по пријавувањето сам дошол во полициската станица, придружуван од еден од родителите. Меѓутоа, кога полициските службеници започнале со постапката за негово лишување од слобода, тој искористил отворен прозорец и избегал од просторијата во која се наоѓал. Полицијата потоа неколку дена трага по него.
Случајот предизвика реакции и од семејството на девојката. Нејзината мајка јавно побара институциите да постапат и изрази загриженост за безбедноста на ќерката додека осомничениот беше во бегство. Таа тврдеше дека семејството поседува медицинска документација за повредите, како и пораки во кои имало закани.
Во јавноста се отворија и прашања за постапувањето на институциите, особено за тоа како осомничениот успеал да избега од полициската станица. Од МВР претходно објаснија дека до СВР Битола не била доставена наредба или друг акт од надлежен орган за негово приведување, лишување од слобода или определување притвор. Од обвинителството, пак, посочиле дека очекувале да бидат известени по завршувањето на разговорот со осомничениот.
По денешното предавање, МВР најавува продолжување на мерките и активностите во координација со Основното јавно обвинителство Битола.









