Државата во периодот од 2020 до 2025 година исплатила речиси 64,4 милиони евра по судски постапки поврзани со работни спорови. Речиси половина од сумата не се однесува на главниот долг, туку на камати, судски и извршни трошоци.
Од вкупно исплатените 3,97 милијарди денари, 2,05 милијарди денари биле за главниот долг, додека дополнителни 1,92 милијарди денари, односно околу 31,1 милион евра, биле потрошени за камати и трошоци. Дури 95,36 отсто од обврските биле наплатени преку извршители, а само 4,64 отсто биле платени доброволно.
Ревизијата покажува и значителен раст на бројот на работните спорови. Во 2021 година во работа имало 9.361 предмет, додека во 2025 година бројот достигнал 24.556, што претставува зголемување за повеќе од два и пол пати.
Како главни слабости се посочуваат недоволно системско следење и анализа на причините за споровите, ограничената употреба на алтернативни начини за нивно решавање и недоволно развиената превентивна и советодавна улога на Државното правобранителство.
Од институциите што доставиле целосни податоци, 41 од 59, односно 70 отсто, воопшто не примениле алтернативен механизам за решавање работни спорови во периодот од 2020 до септември 2025 година.
Државниот завод за ревизија препорачува воспоставување систем за навремено следење на споровите, подобрување на законската рамка и подобра контрола на финансиските последици, со цел да се намалат идните трошоци за државниот буџет.









