Предлог-буџетот за 2027 година предвидува приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари, со буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП. Владата најавува економски раст од 3,8 проценти и капитални инвестиции од 40,8 милијарди денари, но опозициската СДСМ смета дека буџетот не нуди доволно развојни инвестиции и не одговара на потребите на граѓаните.
Образложувајќи го предлогот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека приоритети се фискалната консолидација, рационалното трошење и поддршката на економскиот раст. Таа посочи дека се планирани 123,8 милијарди денари за пензии, 58,7 милијарди за здравство, 57,2 милијарди за плати во јавниот сектор и околу 36 милијарди денари трансфери за општините.
Капиталните инвестиции, според најавите на Владата, ќе бидат насочени кон инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, железничката инфраструктура, студентските домови, училиштата и енергетските проекти. Министерката нагласи дека покрај планираните средства, клучна ќе биде и нивната реализација.
Од СДСМ, пак, пратеникот Фатмир Битиќи оцени дека речиси 91 процент од расходите се наменети за тековни трошоци, додека само 9,3 проценти за капитални инвестиции. Според него, особено загрижувачки е што средствата за камати растат за 18,2 проценти, а капиталните расходи за само 1,7 проценти.
„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати“, рече Битиќи.
Тој предупреди дека јавниот долг достигнал 10,93 милијарди евра, што е за 2,45 милијарди евра повеќе во споредба со крајот на 2023 година. Битиќи ја критикуваше и проекцијата на буџетскиот дефицит од 3,5 проценти, како и отсуството на повисока минимална плата во предлогот. Побара минималната плата да се зголеми на 600 евра, посочувајќи дека сегашната не ги покрива ниту основните трошоци на едно семејство.
Опозицијата критикуваше и дека за развојната програма на малите и средните претпријатија се планирани само 15,34 милиони денари, додека за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени 1,06 милијарди денари.
Битиќи ја поврза расправата за буџетот и со случајот „Алта банка“, обвинувајќи ја Владата за недостиг на транспарентност и институционална одговорност. Тој најави дека пратеничката група на СДСМ нема да го поддржи Предлог-буџетот за 2027 година.








