Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе биде ослободен од притвор откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција од 1.140.781 евра во недвижен имот.
Судот ја укина мерката притвор, но на Бајрами му определи дополнителни мерки за претпазливост, меѓу кои одземање на пасошот, забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница и редовно јавување во Судот.
Од Основниот кривичен суд информираат дека одбраната на Бајрами на 14 октомври поднела предлог за замена на притворот со гаранција, кој Советот го прифатил.
Бајрами е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, кривично дело за кое е предвидена казна затвор до пет години. Според судот, притворот во конкретниот случај не можел да трае подолго од 60 дена, а законскиот рок истекувал на 8 ноември.
Бајрами е првообвинет во судскиот предмет за набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ) за Државната лотарија. Покрај него, обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања била предизвикана штета на Државната лотарија од околу 596 милиони денари, односно речиси 9,7 милиони евра. Сите обвинети се изјасниле дека не се чувствуваат виновни.
Бајрами беше недостапен за органите на прогонот и по него беше распишана меѓународна потерница. На 9 септември 2026 година сам се пријави на граничниот премин Блаце, по што беше приведен и спроведен во затворот во Скопје.
Против Бајрами се водат и други постапки. Во февруари 2025 година Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него поради сомнежи за злоупотреби при закупот на деловен простор за потребите на Државна лотарија, со наводна штета од 400.586 евра.








