Русија, Украина и САД ги продолжуваат разговорите за ставање крај на војната во Украина на дводневна средба во Абу Даби. Ова е прва трилатерална рунда преговори по осуммесечна пауза, а во дипломатскиот процес ќе бидат вклучени и европски претставници.
Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп. Вашингтон најавува дека разговорите ќе се фокусираат на безбедносните прашања и можните чекори по завршувањето на војната.
Украинската делегација ја предводи Рустем Умеров, а во неа се и Кирило Буданов и Давид Арахамија. Киев инсистира на прекин на огнот и цврсти безбедносни гаранции кои би спречиле нова руска агресија.
Од руска страна, делегацијата ја предводи Владимир Медински, советник на претседателот Владимир Путин. Во неа е и заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, што укажува дека Москва сака да ги отвори и пошироките безбедносни прашања во односите со САД и НАТО.
Европската унија ќе биде претставена преку тим високи функционери, предводен од шефот на кабинетот на Урсула фон дер Лајен, Бјорн Зајберт. Ќе учествуваат и претставници на Франција, Германија и Велика Британија. Сепак, останува неизвесно дали тие ќе имаат директна улога во разговорите со руската делегација, бидејќи Москва се противи на нивното вклучување во главниот преговарачки формат.
Најголемата пречка за постигнување договор останува територијалното прашање, особено Донбас. Русија бара Украина да се повлече од целата област, додека Киев одбива да отстапи територии и бара безбедносни гаранции.
И покрај дипломатските напори, борбите продолжуваат, а нападите врз енергетската инфраструктура дополнително ги отежнуваат преговорите. Украинскиот пратеник Давид Арахамија изјави дека не очекува значителен напредок по долгата пауза, но оцени дека самото обновување на трилатералните разговори е позитивен чекор.
Средбата во Абу Даби ќе покаже дали постои простор за приближување на позициите на Москва и Киев, но и дали американската администрација може да посредува во постигнувањето договор што ќе ги вклучи и европските безбедносни интереси.









