Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека коментарите на одредени странски лидери во врска со актуелните протести во Франција се „неприфатливи и глупави“, пренесуваат француските медиуми.
„Според мене, нема видливо странско мешање во настаните што се случија. Сепак, имаше странска манипулација со информациите, што доведе до неприфатливи и глупави коментари од многумина, вклучително и странски лидери“, изјави Макрон.
Како што изјави тој, на сликите генерирани од вештачка интелигенција може да се видат сцени што всушност никогаш не се случиле во Франција.
„Сите оние кои во моментов зборуваат лошо за нашата земја се луѓе кои не ја сакаат Франција . Таквите луѓе ми се навистина одвратни “, рече Макрон, осврнувајќи се на изјавите и лажните информации што ги шират на социјалните мрежи одредени политички лидери , особено американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во неделата изјави дека Франција е нападната поради имиграцијата и ги повика француските власти да ги затворат границите и да ја преземат контролата врз ситуацијата, предупредувајќи дека во спротивно може да биде предоцна.
„Се соочуваме со предизвици, но се справуваме со нив методично, со почит, решителност и цврстина. Не смееме само да се шегуваме“, заклучи Макрон.
Протестите во Франција започнаа кон средината на септември , кога средношколци излегоа на улиците во предградијата на Париз барајќи подобри услови во училиштата. Подоцна им се придружија граѓани незадоволни од зголемувањето на цените, а протестите се проширија и во други делови од земјата.
Најголемиот собир се одржа на 17 октомври, кога, според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, учествуваа околу 550.000 луѓе.
Француските безбедносни сили употребија солзавец, шок бомби и водни топови за време на протестите.








