Граѓаните кои земале брзи кредити, а потоа плаќале дополнителни трошоци за опомени поради задоцнети рати, ќе добијат поврат на парите. Државниот пазарен инспекторат утврдил дека 12 финансиски друштва незаконски им наплатувале вакви надоместоци, поради што сега ќе мора да им вратат повеќе од 140 милиони денари на клиентите.
Со повратот се опфатени над 26.000 граѓани, а проценетата сума изнесува околу 2,3 милиони евра. Финансиските друштва ќе имаат рок од 30, 60 или 90 дена да ги вратат средствата, во зависност од бројот на потрошувачи што треба да добијат надомест.
Граѓаните нема да мора да одат во финансиските друштва или да поднесуваат посебни барања. Компаниите се должни самите да ги контактираат своите клиенти и да им ги исплатат парите, а Државниот пазарен инспекторат ќе проверува дали тоа навистина го прават.
Директорот на Инспекторатот, Влатко Стојкоски, информираше дека досегашните контроли опфатиле 27 лиценцирани финансиски друштва и периодот од 2023 до 2026 година. Според неговите проценки, износот што ќе треба да им биде вратен на граѓаните може да порасне и до 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра.
Освен незаконските наплати, инспекторите утврдиле и нечесни трговски практики кај 18 финансиски друштва. За нив се издадени платни налози во вредност од над 3,5 милиони денари. Кај две друштва биле откриени и неправилности во сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека финансиските друштва што нема да ги исполнат обврските ќе се соочат со законски мерки, меѓу кои и можност за затворање.
Од Инспекторатот засега не ги откриваат имињата на друштвата кај кои се утврдени неправилностите, бидејќи проверките сè уште траат.
Најавени се и контроли во банкарскиот сектор, особено во делот на наплатата на провизиите.









