Скопјанец на возраст од 47 години е осомничен дека присвоил 6,8 милиони денари од надоместоци наплатени при регистрација на возила, со што го оштетил државниот буџет. Единицата за финансиски криминал поднела кривична пријава против него и фирма од Скопје за проневера во службата и перење пари и други приноси од казниво дело.
Според МВР, И.С., како овластено лице во фирма што вршела технички прегледи на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатените надоместоци при регистрација. Парите требало да им бидат исплатени на Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и општините.
Во лажирањето на податоците, според пријавата, учествувало и лицето С.С. Средствата наводно биле префрлувани преку сметки на две фирми и осигурително брокерско друштво од Скопје, а потоа мешани со приходите од редовното работење.
За прикривање на потеклото на парите биле користени различни трансакции, меѓу кои позајмици, договори за заедничка изградба и купопродажба на недвижности и возила. Дел од средствата, според МВР, биле искористени за купување недвижен и подвижен имот во корист на пријавената фирма.








