Кривична пријава е поднесена против полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, поради сомнение дека фалсификувал потврди за дарување крв за да добие платено отсуство од работа.
Според информациите од МВР, службеникот со иницијали А. А. на 3 март и на 9 јули годинава изготвил и употребил две лажни потврди за крводарување, иако во тие денови воопшто не дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.
Врз основа на потврдите, тој поднел барања за користење платено отсуство за вкупно шест работни дена – од 3 до 5 март и на 9, 10 и 13 јули, кои потоа ги искористил.
Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за сомнение за кривично дело „фалсификување исправа“, според член 378 од Кривичниот законик.
Покрај кривичната пријава, најавено е и поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност поради сомнение за кршење на работниот ред и дисциплина.








