Надворешни компании чии вработени имаат администраторски пристап до информацискиот систем на Фондот за здравствено осигурување не ги потпишале сите договори за доверливост, а Фондот нема целосна контрола врз пристапот до системот. Ова е еден од пропустите утврдени во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој се однесува на безбедносните мерки и контроли во информацискиот систем на Фондот.
Ревизорите посочуваат дека поради недостигот на кадар во ИТ-секторот, Фондот се потпира на надворешни економски оператори, од чии услуги зависи функционирањето и достапноста на информацискиот систем. Сепак, со сите компании чии вработени имаат администраторски привилегии не се склучени договори за доверливост.
Дополнително, договорите за ниво на услуга не ги уредуваат доволно јасно следењето на обврските и контролата на ризиците. Во дел од нив се предвидени казни до 15 проценти од месечниот надомест за одржување, кои се движат од 18.000 до 52.000 денари. Според ревизорите, ваквите механизми не се доволна гаранција за исполнување на обврските, особено во случај на губење податоци или подолг прекин на функционирањето на системот.
Во извештајот се укажува и дека договорите не содржат соодветни обврски за информациска безбедност и доверливост поврзани со можни неовластени упади во системите на надворешните компании, кои би можеле да се пренесат и во системот на Фондот.
„Ваквата состојба на утврдени обврски и казни, со отсуство на засилени контроли, како и неодобрените политики и процедури за информациска безбедност на Фондот ја прави информациската безбедност зависна исклучиво од свесноста на економските оператори“, се наведува во ревизорскиот извештај.
ФЗО подготвил акциски план, дел од мерките веќе се реализирани
Од Фондот за здравствено осигурување информираат дека ги разгледале наодите и препораките на Државниот завод за ревизија и подготвиле акциски план за нивно спроведување. Според Фондот, планот ги опфаќа сите препораки, а за секоја од нив се утврдени корективни активности, одговорни организациски единици и рокови за реализација.
Од таму посочуваат дека дел од активностите веќе се реализирани, додека за останатите се започнати постапки или се утврдени конкретни мерки. Како досега спроведени активности ги наведуваат сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за администрирање на автентикацијата и контрола на корисничките пристапи.
Акцискиот план предвидува и ажурирање на безбедносните политики и процедури, изработка на ИТ-стратегија, проценка на ризиците, унапредување на контролите за пристап, модернизација на инфраструктурата и безбедносни надградби на постојните информациски системи.
Фондот најавува и зајакнување на човечките капацитети, континуирана едукација на вработените и воспоставување механизми за следење на системските активности. Роковите за реализација на предвидените мерки се утврдени до 31 декември 2027 година, зависно од нивната сложеност и техничките, организациските и финансиските предуслови.
Ревизорскиот извештај опфаќа и други слабости во информациската безбедност на Фондот, меѓу кои недостиг од доволно ИТ-кадар, отсуство на тестирање на целокупниот систем, како и недоволно проверени механизми за обновување на податоците и непречено функционирање на системот.









